Главна секција Во последното деноноќие 15 пациенти ја загубија битката со ковид-19, регистрирани се...

Во последното деноноќие 15 пациенти ја загубија битката со ковид-19, регистрирани се нови 173 случаи

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Петнаесет пациенти во изминатите 24 часа ја загубија битката со ковид-19. Од почетокот на епидемијата во нашата држава, ова е најголем број на регистрирани смртни случаи во едно деноноќие.

Како што соопштуваат во Министерството за здравство, денеска се регистрирани 173 нови позитивни случаи, од направени вкупно 1.653 тестирања. Од новозаразените лица, најголем број се во Скопје – 75.

Во последното деноноќие регистрирани се и 150 оздравени пациенти, најголем број од Скопје. Од петнаесеттемина починати пациенти, осуммина се од Скопје, двајца пациенти се од Тетово, двајца од Струга, еден од починатите пациенти е од Охрид и двајца се од Гостивар.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа три лица, на возраст од 64, 73 и 80 години. Во ГОБ „8 Септември“ починати се 9 лица, двајца пациенти на возраст од 54 години, останатите на возраст од 60, 61, 75, 45, 74, 57 и 65 години. Две лица од Скопје и Гостивар се починати дома на возраст од 65 односно 82 години. Во болница во Струга е почината пациентка на 67 години“, информираат во министерството.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6.625, бројката на оздравени пациенти е 2.748, на починати е 321, а во моментов бројот на активни случаи во земјата е 3.556.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се шест пациенти. Вкупно таму се хоспитализирани 90 пациенти. На кислородна поддршка се 44 пациенти, а пациенти на механичка вентилација, нема.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 26 возрасни пациенти позитивни на ковид-19 и шест деца позитивни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се седум нови, а вкупно се хоспитализирани се 123 пациенти. На респираторна машина се осум пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 39, а во болницата во Штип се хоспитализирани 36 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 87 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.