Подглавна секција Во Кина од корона вирусот починале 2,1 отсто од заразените, најмногу лица...

Во Кина од корона вирусот починале 2,1 отсто од заразените, најмногу лица над 60 години

Архиввска фотографија од термалните камери на Меѓународниот аеродром во Скопје, 30.01.2020 г. | Фото: Арбнора Мемети

Националната здравствена комисија на Кина денеска соопшти дека стапката на смртност во земјата од новиот корона вирус е само 2,1 отсто, пренесува весникот „Гардијан“. Дури 80 отсто од починатите лица имале над 60 години. Во кинеската провинција Хубеи, каде се регистрирани 97 отсто од сите смртни случаи на лицата заразени од корона вирусот, стапката на смртност изнесува 3 отсто од вкупниот број на заразени лица.

Против глобалната медиумска хистерија што се крена како последица на појавата на корона вирусот стојат фактите што говорат дека овој тип на вирус е помалку смртоносен од САРС-от, кој пред неколку години се прошири на глобално ниво со стапка на смртност од над 10 отсто од вкупниот број на заразени лица.

Како што пренесува „Гардијан“, кај обичниот сезонски грип вообичаено има стапка на смртност под 1 отсто кај заразените лица, но годишно овој грип предизвикува околу 400.000 смртни случаи низ светот. Колку за споредба, од корона вирусот досега се заразени над 20.000 лица во Кина, Тајван, Хонг Конг и Макао, додека бројката на починати лица денес се искачи на 426.

Во Македонија не е регистриран ниту еден сомнителен случај на лице што би можело да биде заразено од корона вирусот. И министерот за здравство, Венко Филипче, денес ги отфрли стравувањата од ширење на корона вирусот во нашата земја, посочувајќи дека се обезбедени доволно количества заштитна опрема за медицинските лица.