Свет Балкан Во Хрватска утре се одржуваат редовни парламентарни избори

Во Хрватска утре се одржуваат редовни парламентарни избори

Хрватските граѓани утре ќе гласаат на редовни парламентарни изобри, кои се оценуваат како најнеизвесни и на кои малку е веројатно двете најголеми партии, СДП и ХДЗ, да го освојат мнозинството потребно за формирање влада.

Според последното истражување на јавното мислење, кое за емисијата „Дневник“ на „Нова ТВ“ ја објавила агенцијата ИПСОС, двете политички партии и нивните коалиции в понеделник би можеле да добијат еднаков број мандати во хрватското собрание.

Според истражувањето, ниедна од партиите нема да освои 76 пратеници, потребни да се формира хрватска влада.

За следење на изборите во Хрватска досега се пријавиле 6.000 набљудувачи, а се очекува тој број да се зголеми на 22.000, колку што имаше на последните претседателски избори на почетокот од годината.

На изборите се избираат 151 пратеник со мандат од четири години. По 14 пратеници се избираат во десет изборни едници, а тројца пратеници избира дијаспората во 11. изборна заедница.

Припаднците на малцинствата избираат осум пратеници, од кои најмалку три места му припаѓаат на српското малцинство.

За влез во парламентот ќе се борат 2.300 кандидати на 166 избирачки листи. Право на глас имаат околу 3,8 милиони избирачи, кои ќе гласаат на околу 7.000 избирачки места.