Македонија Војниците од денеска со дополнителен ангажман низ македонските општини

Војниците од денеска со дополнителен ангажман низ македонските општини

Зголемен број на припадници на Армијата од денеска ќе бидат дополнително ангажирани во 10 општини низ земјава. Ова го најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес – конференција, појаснувајќи дека војниците ќе бидат вклучени во сите општини каде што тоа е побарано од страна на локалните самоуправи. Станува збор за Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Охрид, Струмица, Куманово, Битола и Прилеп, а во текот на денов се разговара и со општините Центар, Велес, Кавадарци и Росоман.

– Очекуваме ваквото поголемо присуство и учество да им помогне и на општините, но и на МВР да се справат со спроведување на сите мерки за заштита – изјави министерката Шекеринска.

Таа појасни дека евентуалното ангажирање на Армијата во затворањето на Куманово ќе значи трошење на многу ресурси, но нема да го реши проблемот со ширењето на корона вирусот на територијата на оваа општина.

– Единствениот лек и инструмент, којшто го кажуваат сите експерти е социјалното и физичко дистанцирање на повеќе од два метра – посочи Шекеринска.

Таа рече дека армијата веќе пружа поддршка на цивилните власти со помош во контрола на границите, поставување и чување на контролни точки на влез и излез во одредени градови или општини, како и обезбедување на критичната инфраструктура и виталните објекти. Армијата ја стави на располагање полската болница до Инфективната клиника, а се користат и специјализирани тимови за вршење на дезинфекција и за вршење на инженериски градежни услуги во кругот на Клиничкиот центар-Скопје.