Главна секција ВМРО-ДПМНЕ ќе оди во Виена, СДСМ ќе се консултира со партиите и...

ВМРО-ДПМНЕ ќе оди во Виена, СДСМ ќе се консултира со партиите и со невладините организации

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на состанокот на лидерите на четирите најголеми партии од Македонија за излез од кризата, што в петок во Виена го планира меѓународната заедница.

Од  партијата потврдуваат дека ја добиле поканата што тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит, ја упатиле до лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи.

Од партијата не посочуваат кои функционери ќе бидат членови на делегацијата.

Во СДСМ, за „Мета“ велат дека почнуваат широки консултации во рамките на коалицијата, но и со невладините организации кои се дел од движењето „Протестирам“.

Конечната одлука дали воопшто ќе се учествува на разговорите во Виена и со каква агенда, ќе била донесена деновиве по консултации со политичките партнери и со невладините организации.

На средбата во Виена е предвидено да присуствуваат и комесарот на ЕУ за преговори за проширување, Јоханес Хан, и амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.