Економија ВМРО-ДПМНЕ: Долгот е намален во последниот квартал на 2016 година

ВМРО-ДПМНЕ: Долгот е намален во последниот квартал на 2016 година

„СДСМ секогаш кога манипулира, тоа го прави на штета на македонската економија и на граѓаните. Јавниот и државниот долг се намалени во последниот квартал на 2016 година“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ дека долгот е сè уште на критичното ниво над 50 проценти од домашниот бруто-производ.

Во него се додава дека „СДСМ со своите лаги и кодошење на Македонија, на нејзините граѓани во случајот со издавањето на еврообврзницата им направи директната штета од 25 милиони евра, што е рамно на финансиски тероризам“.

– Истите финансиски терористи од СДСМ им нанесоа штета на граѓаните од 4 милиони евра врз основа на камати на предвреме повлечени депозити поради кревањето на лажната паника за девалвација на денарот – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека „СДСМ се води по логиката „колку полошо за Македонија, толку подобро за СДСМ“ и со ниту едно лажно соопштение не можат да го покријат фактот дека Македонија сè уште е меѓу најмалку задолжените земји во Европа“.