Македонија УНДП подготвува активности за поддршка на жените во политиката

УНДП подготвува активности за поддршка на жените во политиката

Фото: Влада на РСМ

Постојаниот претставник на УНДП Армен Грегоријан, денеска на средба ја информираше вицепремиерката Славица Грковска за плановите на УНДП во наредниот период кои се однесуваат на поддршка на жените во политиката, како и за влијанието на климатските промени од родова перспектива. Тие меѓудругото разговарале и за унапредување на меѓусебната соработка.

„Вицепремиерката Грковска се заблагодари на поддршката што УНДП ја дава, особено во делот на унапредување на ефикасноста на институциите, како и имплементацијата на принципите за добро владеење“, информираат од кабинетот на Грковска.

Таа го информирала Грегоријан за тековните активности на нејзиниот кабинет кои се однесуваат на антикорупциските политики, дигиталната трансформација на општеството, како и професионални, одговорни и отчетни институции.

„Тој информираше и за улогата на УНДП во подготовката на активностите што се преземаат за одбележување на 60 годишнината од земјотресот во Скопје“, се додава во соопштението.

Вицепремиерката Грковска нагласила дека одржливиот и инклузивен економски и социјален развој, климатските активности и одговорно демократско владеење се целосно во согласност со националните приоритети за развој на државата и за полноправно членство во Европската Унија.