Македонија Украински „Виндроуз“ од 6 декември планира да почне да лета меѓу Скопје...

Украински „Виндроуз“ од 6 декември планира да почне да лета меѓу Скопје и Киев

Фото: Архива на Мета.мк

Украинската авиокомпанија „Виндроуз“ од 6 декември планира да воведе нова авио линија меѓу Скопје и Киев, објави специјализираниот портал „Екс-Ју Авиејшн“. На веб-страната на оваа авиокомпанија веќе можат да се набават авионски билети за летовите што ќе се одвиваат секој четврток и недела, со полетување од Скопје во 12:50 часот. Летовите е планирано да се одржуваат со авиони ATR72-600 и Embraer E145, а главна цел на украинската авиокомпанија е превезувањето на украински туристи кои се заинтересирани да ја посетат нашата земја.

Паралелно со Скопје, „Виндроуз“ планира да отпочне да лета и до белградскиот аеродром „Никола Тесла“, додека поради рестрикциите за влез на украински граѓани како резултат на ковид-19 пандемијата, оваа авиокомпанија ги откажа планираните летови меѓу Киев и Љубљана. Авионите на „Виндроуз“ ќе слетуваат на меѓународниот аеродром Бориспол во Киев.

Инаку, Северна Македонија и Украина на крајот од минатата година го потпишаа постојаниот безвизен режим, со кој граѓаните од двете земји можат да патуваат слободно во другата држава до 90 дена.

Доколку се остварат плановите на „Виндроуз“, тоа ќе биде првата нова авиокомпанија што ќе влезе на македонските аеродроми годинава во периодот на ковид-19 пандемијата. Инаку, летовите меѓу Киев и Скопје би се воспоставиле во период кога двата аеродрома во Скопје и Охрид само во првите осум месеци од годинава изгубија над 1,2 милиони патници во споредба на идентичниот период лани, а како резултат на корона вирусот.