Свет Европа Украина тврди дека освоила нафтени платформи во Црно Море што ги изгубила...

Украина тврди дека освоила нафтени платформи во Црно Море што ги изгубила во 2015 година

Русија ги користела нафтените платформи како морски хелиодроми, соопшти украинското Министерство за одбрана, порачувајќи дека сега Русија е лишена од можноста целосно да ги контролира водите на Црно Море

Фото: Министерство за одбрана на Украина

Украинската војска вчера се пофали дека освоила стратешки важни платформи за црпење нафта и гас од Русија. Станува збор за платформите „Бојко“ во Црно Море, што Русија ги презеде во 2015 година, по анексијата на Крим, јави новинската агенција „Асошиејтид Прес“.

Русија ги користела нафтените платформи како морски хелиодроми, соопшти украинското Министерство за одбрана, порачувајќи дека сега Русија е лишена од можноста целосно да ги контролира водите на Црно Море и дека сега Украина е многу чекори поблиску до повторно преземање на полуостровот Крим.

Во меѓувреме, продолжија нападите и битките на копното, јавува украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

Руските сили вчеравечер ги гранатирале Никопол, Марханец и Велика Михаливка во регионот Днипропетровск. Уништени се куќи и стопански објекти во дворови, како и продавници. Сериозни штети се нанесени на три гасовода и три далновода, а за среќа нема повредени цивили.

Во текот на вчерашниот ден, руските сили го нападнале Херсонскиот регион 75 пати, со 386 гранати и ракети. Врз градот Херсон биле испукани 14 проектили. Цел на нападите биле населени места, при што се погодени населби, административни згради, амбуланти и образовни институции. Повредени се шестмина цивили.

Во регионот Запорижја биле извршени повеќе од 100 напади од страна на руските сили во изминатите 24 часа, при што исто така се погодени цивилни цели.

Во самата Русија, пак, според Министерството за одбрана на Обединетото Кралство, се врши прегрупирање на системите за противвоздушно одбрана за блиско и средно дејствување, во обид за подобро справување со нападите од украински дронови.