Економија УБС ја купува Кредит Свис во обид да ја запре банкарската криза

УБС ја купува Кредит Свис во обид да ја запре банкарската криза

Итното преземање беше договорено по неколкудневни преговори во кои беа вклучени финансиските регулатори во Швајцарија, САД и Обединетото Кралство. УБС и Кредит Свис се рангирани меѓу 30-те најважни банки во глобалниот финансиски систем.

Ank Kumar, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Најголемата банка во Швајцарија, УБС, се согласи да го купи својот ривал Кредит Свис во итен спасувачки договор кој има за цел да ја запре паниката на финансиските пазари предизвикана од пропаѓањето на две американски банки претходно месецов.

„УБС денеска го објави преземањето на Кредит Свис“, се вели во вчерашното соопштение на швајцарската национална банка, во кое се додава дека спасувањето „ќе ја обезбеди финансиската стабилност и ќе ја заштити швајцарската економија“.

Си-ен-ен пренесува дека УБС ќе плати 3 милијарди швајцарски франци за Кредит Свис, што е околу 60 отсто помалку од вредноста на банката пред затворањето на пазарите во петокот. Швајцарските регулатори најавуваат дека акционерите во Кредит Свис во голема мера ќе бидат отстранети и нема да се бара нивно одобрение на договорот откако владата се согласи да го промени законот за да ја отстрани секоја неизвесност околу договорот. Целосно ќе бидат отпишани и дополнителните обврзници на банката од ниво 1 со цел да се зголеми основниот капитал.

„Ова преземање е привлечно за акционерите на УБС, но, да бидеме јасни, што се однесува до Кредит Свис, ова е итно спасување“, им рече на новинарите претседателот на УБС, Колм Келехер.

Претседателот на Кредит Свис, Аксел Леман изјави дека со оглед на неодамнешните вонредни и невидени околности, најавеното спојување го претставува најдобриот расположлив исход.

„Ова беше исклучително предизвикувачки период за Кредит Свис и додека тимот неуморно работеше на решавање на многу значајни проблеми и ја спроведуваше својата нова стратегија, принудени сме денес да постигнеме решение што обезбедува траен исход“, рече Леман.

Кредит Свис со години ја губеше довербата на инвеститорите и клиентите. Во 2022 година ја забележа најголемата загуба од глобалната финансиска криза. Довербата „пропадна“ минатата недела откако банката ја призна својата материјална слабост и кога колапсот на американските СВБ и Сигнатур Банк почна да шири страв за послабите институции во време кога зголемените каматни стапки ја поткопаа вредноста на некои финансиски средства.

Фајненшл Тајмс објави дека акциите на Кредит Свис паднале за 25 отсто во текот на неделата, парите се одлеале од инвестициските фондови со кои управува банката и во одреден момент сопствениците на сметки повлекувале депозити од повеќе од 10 милијарди американски долари дневно. Итниот заем од речиси 54 милијарди долари од Швајцарската народна банка не успеа да ја спречи паниката.

Во обид да го спречат ширењето на колапсот низ глобалниот финансиски систем, швајцарските власти се во потрага по решение за приватниот сектор, со ограничена државна поддршка, истовремено размислувајќи и за алтернатива – целосна или делумна национализација.

Итното преземање на банката од УБС беше договорено по неколкудневни преговори во кои беа вклучени финансиските регулатори во Швајцарија, САД и Обединетото Кралство. Инаку, УБС и Кредит Свис се рангирани меѓу 30-те најважни банки во глобалниот финансиски систем.

Договорот се очекува да биде затворен до крајот на годината.

Регулаторите на финансискиот пазар ширум светот го поздравија преземањето на Кредит Свис. Набргу по најавата на договорот, Федералните резерви на САД, Европската централна банка и другите големи централни банки излегоа со изјави за смирување на пазарите кои беа зафатени од банкарската криза што започна со колапсот на двете регионални американски банки.

Европската централна банка вети дека, доколку е потребно, ќе ги поддржи банките од еврозоната со заеми, додавајќи дека швајцарското спасување на Кредит Свис било од голема важност за враќање на смиреноста, јави Ројтерс.

Американските власти соопштија дека ја поддржуваат акцијата и тесно соработуваат со швајцарската централна банка за да помогнат во преземањето.

Инаку, покрај тоа што е втора најголема банка во Швајцарија, Кредит Свис се грижи за богатството на многу од најбогатите луѓе во светот и нуди глобални услуги за инвестициско банкарство. Банката броела повеќе од 50.000 вработени кон крајот на минатата година, од кои 17.000 само во Швајцарија.

Преземањето ќе ја зајакне позицијата на УБС како водечки светски менаџер на богатства со вложени средства од 5 трилиони долари и ќе ја зајакне нејзината амбиција да расте во Америка и Азија. Банката соопшти дека очекува да генерира заштеди од 8 милијарди долари годишно до 2027 година.