Свет Балкан Уапсен 21 годишниот масовен убиец во Србија, убил осуммина и ранил 14...

Уапсен 21 годишниот масовен убиец во Србија, убил осуммина и ранил 14 лица

Нешто повеќе од 24 часа претходно, во Белград се случи уште едно масовно убиство, каде К.К., 13 годишен ученик во училиштето „Владислав Рибникар“, уби 8 свои соученици и чуварот во училиштето

Осомничениот масовен убиец во Србија, втор за неколку дена | Фото: Министерство за внатрешни работи на Република Србија

Само еден ден по масовното убиство во училиште во Белград, синоќа се случи уште едно масовно убиство во Србија. Дваесет и едно годишниот У.Б. кој, според српските медиуми, ноќеска околу полноќ убил осуммина и ранил 14 лица, е уапсен кај Крагујевац, во Грошница, пренесува „ТВ Н1“. Тој беше уапсен откако 600 српски полицајци го бараа до доцна во ноќта. Ранетите се во болница и се во критична состојба, а како што информираат српските медиуми, дел веќе биле оперирани.

Како што објавува „Данас“, жителот од селото Мало Орашје, С.Д. изјавил дека сите се во шок и дека во ова село ноќеска биле убиени петмина на училишно игралиште, а ранети биле најмалку шестмина.

„Пукањето започна во Дубона каде што беа убиени три лица, а потоа продолжи во нашето село“, рекол мештанинот.

Припадниците на специјалните антитеористички единици и интервентната бригада, ја пребарувале секоја викендица и куќа на подрачјето на селата во близина на Младеновац.

Во 10 и 30 е најавена дека прес-конференција на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Нешто повеќе од 24 часа претходно, во Белград се случи уште едно масовно убиство, каде К.К., 13 годишен ученик во училиштето „Владислав Рибникар“, уби 8 свои соученици и чуварот во училиштето. Тој тешко рани уште шестмина соученици и професорката по Историја. Бидејќи кривичниот законик не ги опфаќа малолетниците под 14 години, К.К. нема кривично да одговара за делото. Оружјето кое тој го користел било во сопственост на неговиот татко, кој е уапсен, исто како и неговата мајка, а денеска треба да се одлучи дали и како понатаму ќе се одвива постапката против нив. Истиот ден кога се случи првото масовно убиство, во Белград се случија спонтани улични протести.

Властите ги утврдуваат причините за деветкратното убиство во Белград, граѓаните бесни