fbpx

Властите ги утврдуваат причините за деветкратното убиство во Белград, граѓаните бесни

Претставници на српските државни власти даваат објаснување околу првично осознаените мотиви за девекратното убиство во Белград, додека граѓаните во српскиот главен град синоќа протестираа барајќи оставки и одговорност од властите

-

Српските официјални власти започнаа со објавување во јавноста на првичните сознанија околу мотивите за вчерашното деветкратно убиство во Белград. Веселин Милиќ, началник на белградската полиција во вчерашното гостување во емисијата „Око“ на РТС, откри дека К.К. (13), седмоодделенецот кој вчера уби осум свои соученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, а рани уште шест деца и наставничка, како мотив за убиството навел дека се чувствувал игнориран и отфрлен.

„Тој кога се јави во полиција, рече дека пукал во луѓе, во училиштето и дека, како што рече самиот, е ‘психопат кој треба да се смири’. Тој го изјави тоа кога се јави, тоа е снимено и тоа е првата негова изјава. Во разговорот со полициските службеници (а секој од нив мора да има сертификат за работа со малолетно лице), изјавил дека по извршувањето на делото, го фатило страв, паника, имал забрзано дишење и сметал дека е исправно да пријави во полиција. Потоа, она што сам го изјави пред адвокатотот што му го ангажираше семејството и пред лицата од центрите за социјална работа, е дека бил игнориран, и од општеството и од училиштето, бил отфрлен од социјалните игри, од комуникација, од интеракција, на одморите, на екскурзиите и тоа го навело да има некои мисли кои го натерале да го стори тоа што го сторил“, изјави Милиќ, додавајќи дека во неговата 25 годишна кариера и во кариерата на сите оние кои биле на увид, не наишле на ниту еден сличен, толку стравотен случај во Србија.

Детето во својата изјава, според Милиќ, изјавил дека молотовите коктели што ги носело во ранецот, заедно со двата пиштола во сопственост на неговиот татко, ги изработил сам и дека немал намера никого да запали.

„Тој рече дека сакал да направи одбранбен ѕид околу училиштето за полицијата или било кој друг да не може да влезе да им помогне на децата внатре, зошто би се соочиле со барикади на влезот“, рече Милиќ за РТС.

Даг Коларевиќ, професор по криминална психологија, кој гостуваше во емисијата „Око“ заедно со началникот на белградската полиција, изјави дека е рано да се даваат било какви изјави во однос на мотивот, но дека „случајот има извесни психопатски елементи“.

„Сега можеме само да нагаѓаме, во литературата се споменува влијанието на интернетот, насилните содржини во видео игрите, функционалната незрелост, неможност да се носи со проблемите, иако многу други деца се носат со проблемите па не прибегнуваат кон вакво кривично дело. На основа на овие информации не може да се дознае кој бил поводот и каква е неговата личност, но она што можеме да го заклучиме е дека ова е планирано злосторство и дека бил свесен што прави, така што тоа укажува на едни психопатски елементи кои сигурно имаат некаков мотив, кој меѓудругото може да биде и односи со врсниците“, изјави Коларевиќ.

Во Србија, по овој стравотен настан, прогласена е тридневна жалост.

Момчето кое уби осум ученици и чуварот во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, а рани шест деца и еден наставник, се наоѓа на Клиниката за невропсихијатрија. Тој, според актуелните закони, не може да одговара кривично за злосторството, бидејќи сè уште нема наполнето 14 години. Тој е роден во 2009 година, а во јули ќе има полни 14 години. Претседателот Александар Вучиќ вчера побара оваа граница за кривична одговорност да се намали на 12 години.

Синдикатот на просветните работници на Србија соопшти дека сите нивни членови, вработени во училиштата ќе престанат со работа утре, на 5 мај. Вработените ќе бидат во училиштата, но нема да има настава, соопшти претседателката на синдикатот, Јасна Јанковиќ.

Институтот за ментално здравје во Белград отвори две телефонски линии со цел да им даде поддршка на семејствата на настраданите во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар – наставници и ученици на кои им е потребна психолошка помош и поддршка.

Вчера голем број српски граѓани се собраа пред Министерството за образование, од каде побараа оставки, а пред училиштето каде што се случи злосторството ученици, родители и граѓани палеа свеќи во знак на сочувство.

Мајката и таткото на седмоодделенецот Коста К., се задржани во полициска станица до 48 часа, до кога ќе има одлука и дали ќе има притвор. Таткото се сомничи дека сторил кривично дело Тешки дела против општата сигурност.

Од повредените ученици и наставничката по историја, едно момче и едно девојче се во животозагрозувачка состојба, додека останатите засега се стабилни, пренесуваат српските медиуми. Момчето има прострелни рани на градниот кош, вратот и р’бетниот столб, додека девојчето има прострелна рана во главата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...