Свет Балкан Туск: Сите да останеме смирени и со ладни глави

Туск: Сите да останеме смирени и со ладни глави

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, повика на смирување на ситуацијата откако Турција, која е кандидат за членство во Европската унија, урна руски борбен авион на сириската граница.

„Во овој опасен момент, по уривањето на рускиот авион, сите треба да останеме со ладни глави и смирени“, напиша поранешниот премиер на Полска на својот твитер-профил.

Туск в недела во Брисел ќе биде домаќин на самитот ЕУ-Турција, на кој главна тема ќе биде спогодбата што треба да ја запре бегалската криза во Европа.

Европската комисија соопшти дека внимателно ги следи настаните и се обидува да дознае што точно се случило со рускиот авион.

Американскиот воен портпарол, Стив Ворен, изјави дека уривањето на рускиот авион е инцидент меѓу владите на Русија и на Турција и оти тоа нема никаква врска со операциите на коалицијата што ја води САД. Тој додаде дека американските операции против Исламска држава во Сирија и во Ирак продолжуваат според планот.

Ворен, исто така, потврди дека Турција, пред уривањето на авионот, неколкупати ги предупредила руските пилоти, но дека не добиле одговор на предупредувањето.

НАТО-членката Турција претходно соопшти дека урнала руски авион „су-24“ поради нарушување на турскиот воздушен простор.

Рускиот претседател Владимир Путин го окарактеризира потегот на Турција како „нож во грб“ и предупреди дека уривањето на рускиот авион ќе има сериозни последици на руско-турските односи.

Во меѓувреме, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ја откажа посетата на Турција, закажана за утре.