Свет Балкан Ципрас оди во Брисел да лобира против затворање на границата

Ципрас оди во Брисел да лобира против затворање на границата

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, но и неговиот опонент Кирјакис Мицотакис, денеска заминуваат во Брисел. Првиот на средби со европскиот врв и на самитот на Европската унија за бегалската криза, а вториот на состанокот на Европската народна партија (ЕПП), првпат во официјална функција како лидер на Нова демократија.

И Ципрас и Мицотакис ќе имаат бројни средби со високи европски функционери за да лобираат за европско решение за бегалската криза и за спречување на идејата за затворање на македонската граница и заглавување на илјадници бегалци на грчка територија.

Ципрас денеска ќе се сретне со првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој отворено изјавува дека се противи на предлозите за пломбирање на грчко-македонската граница, а веќе утре ќе има трилатерална средба со германската канцеларка Ангела Меркел и со турскиот премиер Ахмет Давутоглу, околу начините за контролирање на грчко-турската поморска граница, која е и најактивниот канал за пренесување на бегалците од Сирија.

Грчкиот премиер ќе истакне дека Грција ги има исполнето обврските, отворени се и функционираат четири прифатни центри и контролни точки за регистрација на бегалците, отворени се и два привремени центри за релоцирање на мигрантите кои не се пропуштаат кон ЕУ. Ципрас ќе бара eвропските членки да се придржуваат до основните принципи за солидарност на Унијата и да се договори заедничко европско решение за решавање на бегалската криза наспроти идејата за затворање на границите.

По враќањето од Брисел, покрај бегалската криза, Ципрас во Атина ќе го чекаат и средби со земјоделците за нивните барања за компромис за реформите во здравственото и во пензиското осигурување и укинувањето на земјоделските субвенции.

Лидерот на Нова демократија, пак, ќе има, исто така, средби со Меркел и со Јункер, но и со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со привремениот премиер на Шпанија, Маријано Рахој. Мицотакис ќе се обиде да се постави како нов кредибилен соговорник од грчка страна.