Македонија Tри тешки сообраќајни несреќи за едно деноноќие, повредени се и малолетници

Tри тешки сообраќајни несреќи за едно деноноќие, повредени се и малолетници

Несреќите се случиле во Битола, Струга и Гостивар

Фото: МВР

Во изминатото деноноќие во Битола, Струга и Гостивар се случија три тешки сообраќајни несреќи во кои возачи и сопатници се здобиле со тешки телесни повреди.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека три лица од кои двајца малолетници се повредени во сообраќајна несреќа  која вчера во 10.05 часот се случила на крстосница од ул.„Довлеџик“ и крак од ул.„Довлеџик“ во Битола.

Во несреќата учествувале автомобил „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки, управуван од З.Б.(33) од Битола, со живеалиште во Австралија, автомобил „рено меган“ со битолски регистарски ознаки, управувано од П.Г.(41) од Битола и автомобил „нисан терано“ со битолски регистарски ознаки, управувано од А.Т.(42) од Битола.

„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник во возилото „фолксваген голф“, констатирани во Клиничка болница Битола. Додека, со телесни повреди се здобиле Љ.А.(60) од Битола, сопатник во возилото „фолксваген голф“ и малолетна сопатничка во возилото „рено меган“, констатирани, исто така, во Клиничка болница Битола“, информира МВР.

Во Полициската станица во Струга во 17.50 часот било пријавено дека на регионалниот пат Струга- Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.А.(27) од Скопје и патничко возило „волво“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.С.(69) од Скопје.

Во оваа несреќа со тешки телесни повреди се здобил возачот Ј.С., додека со телесни повреди се здобил возачот Т.А. и сопатникот од неговото возило Н.Г.(18) од Скопје, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото на несреќата извршила екипа од Полициската станица Струга.

Во сообраќајната несреќа во Гостивар која се случила во 15.45 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека на патот Мавровска крстосница – Дебар, пред Скудрински мост, се судриле патничко возило „фоксваген голф“ со италијански национални ознаки, управувано од Ш.М.(50)од с.Ростуше и патничко возило „опел астра“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ј.Б.(59) од Гостивар.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник од возилото „опел астра“, додека со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и А.Б.(43) од Гостивар, сопатничка во возилото „опел“, констатирани во Медицински центар Дебар и Медицински центар Гостивар. Увид на местото на несреќата извршила екипа од Полициската станица Гостивар.