Свет Европа Трамп го поканил Орбан да го посети Вашингтон

Трамп го поканил Орбан да го посети Вашингтон

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, телефонски разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого, меѓу другото, го поканил да го посети Вашингтон, јавуваат светските медиуми.

Орбан, во интервју објавено на интернет-изданието на унгарскиот весник „Вилагаздашаг“, вчера изјавил дека Трамп му ставил до знаење дека многу ја цени Унгарија. Унгарскиот премиер изјавил дека му рекол на Трамп оти долго не бил во Вашинготн бидејќи бил сметан за „црна овца“ од актуелното раковдство, на што идниот американски претседател се насмеал и рекол дека и него го сметаат за „црна овца“.

Орбан претходно победата на Трамп на претседателските избори во САД ја нарече „голема вест“ која ќе ѝ овозможи на западната цивилизација да се врати на „вистинската демократија и директните искрени разговори“, ослободена од „парализирачките органичувања на политичката коректност“.

Премиерот на Унгарија, исто така, изјави дека миграционата политика на Трамп е подобра за Европа и за Унгарија.

„Мислам дека Америка сега ќе има претседател кој не е идеолошки ограничен. Тој е отворена личност, многу повеќе заинтересирана за успех, ефикасност и за резултати отколку за политичка теорија“, изјави Орбан, додавајќи дека позицијата на Унгарија е значително подобрена со доаѓањето на Трамп на чело на САД.