Свет Трамп ги обвини медиумите дека лажат за бројката на присутни луѓе на...

Трамп ги обвини медиумите дека лажат за бројката на присутни луѓе на инаугурацијата

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги обвини медиумите дека се „нечесни“ околу проценките за бројот на луѓе што присуствувале на неговата инаугурација пред Капитол хил, јавува „Би-би-си“.

Новиот претседател на САД реагирал на фотографиите објавени во медиумите, со кои се споредува бројот на граѓани што биле присутни на неговата и на инаугурацијата на претходниот претседател на САД, Барак Обама, во 2009 година.

Трамп тврди дека во петокот, додека го држел инаугуративниот говор пред Капитол, „изгледало како да има“ околу 1,5 милиони луѓе, остро негирајќи ги извештатите на медиумите, според кои, на церемонијата присуствувале најмногу 250.000 луѓе.

Подоцна, како што пренесува британскиот национален сервис, прес-секретарот на Белата куќа, Шон Спајсер, изјавил дека во петокот „имало најмногу публика која досега била видена на една инаугурација, и точка“. Сепак, ниту Трамп, ниту Спајсер не понудиле докази за своите тврдења.

Фотографиите, на кои реагирал Трамп, како што може да се види, покажуваат многу поголем број на граѓани на инаугурацијата на Обама во 2009 година.

За бројот на присутните нема официјален податок, но, според проценките, на инаугурацијата на Обама во 2009 присуствувале околу 1,8 милиони луѓе, а во 2013 околу еден милион.