Свет Трамп: Ако станам претседател, нема да имам добри односи со британскиот премиер

Трамп: Ако станам претседател, нема да имам добри односи со британскиот премиер

Кандидатот за претседател на САД, милијардерот Доналд Трамп, изјави дека доколку победи, најверојатно нема да има добри односи со премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон, бидејќи тој ја отфрлил неговата идеја за забрана за влез на муслимани во САД, нарекувајќи ја „глупа и погрешна“.

Камерон го критикуваше Трамп во британскиот парламент поради неговиот став за муслиманите и порача дека Велика Британија ќе биде обединета против републиканскиот кандидат, доколку дојде во посета на земјата.

„По сè изгледа дека нема да имаме особено добри односи“, изјавил Трамп во интервју за британската телевизија „Ај-ти-ви“, одговарајќи на прашање околу тоа какви ќе бидат неговите врски со Лондон доколку победи на изборите за претседател на САД на 8 ноември оваа година.

Во интервјуто, Трамп ги повикал муслиманите да соработуваат со полицијата и да „пријавуваат луѓе“, додавајќи дека неговиот став не е „антимуслимански“ туку „антитерористички“.

Во врска со неговиот повик за итна привремена забрана за влез на муслимани во САД, Трамп рекол дека овој негов став наишол на критики само од политичари, но, од друга страна, бил прифатен од милиони луѓе во целиот свет.