Македонија Трајановски: Итно да се донесат законските измени и да се распишат локалните...

Трајановски: Итно да се донесат законските измени и да се распишат локалните избори

Градоначалниците на општините во Македонија од утре ќе работат без мандат, изјави денеска по состанокот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски. Тој упати барање до политичките партии во Собранието на Македонија што поскоро да ги донесат законските решенија за нивно функционирање до следните избори.

– Со оглед на тоа што има различни толкувања од професори или институции за тоа дали градоначалниците можат да продолжат да функционираат или не, ние, како ЗЕЛС, за да бидеме сигурни и да нема поделеност, бараме од Собранието што побргу да се состане и да ги донесе измените на Законот за избори и на Законот за локална самоуправа со што ќе се распишат следните локални избори – изјави Трајановски.

Тој го поздрави договорот помеѓу политичките партии за одредување на датумот на локалните избори и додаде дека секој поминат ден без решение им нанесува голема штета на локалните власти.

Според Трајановски, со овој „правен вакуум“ ќе бидат доведени во прашање функционирањето на градинките, основните и на средните училишта, културните институции, противпожарната бригада и на администрацијата, кои зависат од блок-дотации.