Свет Балкан „То вима“: Австрија ќе ѝ помогне на Македонија околу спорот за името...

„То вима“: Австрија ќе ѝ помогне на Македонија околу спорот за името заради соработката околу бегалците

Постои ли договор Австрија да ѝ помогне на Македонија околу спорот за името за да ѝ возврати за помошта околу бегалската криза?

Грчкиот весник „То вима“ тврди дека Австрија ѝ понудила на Македонија да помогне околу спорот за името како благодарност за одржување на посуштинска соработка со нашата држава околу справувањето со протекот на бегалци кон Европа.

Весникот оценува дека овој потег покажува дека Австрија цели кон тоа да го диригира цел Западен Балкан во однос на бегалската криза.

Според „То вима“, австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, при последната посета на Македонија, на македонските власти им предложил австриска помош околу решавањето на спорот за името доколку добие од нив помош за бегалската криза.

„Виена и Скопје по сè изгледа потпишале заеднички акционен план, со кој австриската страна се нуди да го олесни решавањето на спорот за името, гест на добра волја кон Скопје, со која е развиена поблиска соработка околу бегалската криза“, пишува „То вима“.

Весникот пренесува дека сите овие случувања, според дипломатски проценки во Грција, се резултат на задоцнетата грчка реакција кон државите од Западен Балкан.

Оцените се дека Грција е самата виновна за ова, бидејќи предоцна реагирала наместо уште од самиот почеток на кризата минатата есен да почне да развива посуштински дијалог и потесна соработка со сите држави од Западен Балкан.