Македонија Тимчо Муцунски во посета на САД: Работна средба со претставници на Стејт...

Тимчо Муцунски во посета на САД: Работна средба со претставници на Стејт департментот

Извор на фотографија: ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамки на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој остварил средба со Стивен Џи, директор во Директоратот за Јужно – Централна Европа и Бенсон Сивек, офицер одговорен за Македонија. Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата биле потврдени одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД „кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“.

Муцунски уште еднаш ја потврдил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој кои ќе бидат одговор на високото ниво на криминал и корупција и тешката економска состојба во државата.

Во рамки на посетата на САД, Муцунски во следните неколку денови ќе оствари средби со членови на американскиот Конгрес, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на Националниот молитвен појадок кој ќе се одржи утре во Вашингтон.