Македонија Тачи: Нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО

Тачи: Нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО

Европската Унија и НАТО се насоката по која треба да се движат Албанците во Македонија, порача лидерот на ДПА и носител на листа во изборната единица шест, Мендух Тачи, на вечерашниот митинг на партијата во селото Слатино, Тетовско.

Тој, во својот говор пред насобраните граѓани, ја обвини ДУИ дека иако е 13 години на власт, не направила ништо за состојбата на Албанците.

– Веќе долго време не сме на вистинскиот пат и нема да бидеме ако такви политичари останат на власт. Се знае која е нашата насока – НАТО и Европската Унија. Нема алтернатива за евроатлантската интеграција – рече Тачи.

На митингот се обрати и кандидатот за пратеник Имер Алиу, кој истакна дека ДПА има платформа која нуди излез од политичката криза и затоа, како што посочи, Албанците треба да ја поддржат ДПА и да гласаат против ДУИ на изборите на 11 декември.

Бардуљ Даути, потпретседателот на ДПА, нагласи дека нивната платформа има две главни насоки – економска и политичка.

– Ќе работиме да има правилна прераспределба на буџетот. Сакаме да има политичка и фискална амнестија. Да се ослободат луѓето од високите казни кои го полнат буџетот, а на крајот од годината да имаат поврат од данокот на додадена вредност – истакна Даути.