Македонија Судот ја ослободи велешанката Пале Иловска

Судот ја ослободи велешанката Пале Иловска

Фото: Онлајн петиција Sloboda za Pale Ilovska

Судот ја ослободи од обвинение 23-годишната велешанка Пале Иловска, која лани со нож во самоодбрана го усмрти нејзиниот насилен партнер. Таа беше обвинета за кривичното дело убиство во миг.

Судијката Габриела Гајдова, во пресудата наведе дека Илоска била доведена во животозагрижувачка состојба, бидејќи во моментот на одбрана била давена и малтретирана од страна на нејзиниот невенчан сопруг и дека со ДНК-то што било пронајдено под ноктите на покојниот полицаец се утврдило дека тој навистина ја давел.

Според наодите од вештаците, во моментот кога била нападната, таа се борела за здив и за да се одбрани, го фатила првиот предмет што и бил во близина.

Нејзиниот партнер подлегнал на повредите од убодот во нож во градниот кош, самиот настан следел по низата напади што се случиле кон Илоска.

Случајот на Пале Иловска предизвика бурни реакции во јавноста откако се дозна дека таа неколку пати за малтретирање го пријавувала партнерот, Александар Ристовски (40) кој бил полицаец, но тој не бил гонет.