Свет Балкан Столтенберг: НАТО со проширувањето има цел да шири стабилност и безбедност

Столтенберг: НАТО со проширувањето има цел да шири стабилност и безбедност

Членките на НАТО одлучија да ја поканат Црна Гора да стане 29 земја-членка на Алијансата, соопшти генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конеренција по состанокот на Северно-атлантскиот совет (НАК).

Столтенберг истакна дека на состанокот било договорено НАТО-силите и во 2016 година да останат во Авганистан со 12.000 војници, кои ќе продолжат да ѝ помагаат и да ја обучуваат авганистанската војска. Тој рече дека е одлучено да продолжи финансирањето на авганистанските сили до 2020 година, но и да се поддржат Турција, која е НАТО-членка, партнерите на Северноатлантскиот сојуз од Северна Африка, како и Украина.

Говорејќи за ситуацијата во Украина, Столтенберг истакна дека НАТО е посветена на наоѓање мировно и дипломатско решение за ситуацијата.

– Иако видовме прогрес во имплементацијата на договорот од Минск, сè уште постои реален ризик за обнова на насилството. Проруските сепаратисти сè уште ги немаат повлечено силите и воената опрема, илегалните групи од Источна Украина не се разоружани, а Украина се уште нема воспоставено контрола на своите граници – рече Столтенберг, додавајќи дека договорот од Минск е единствениот пат за политичко решение на конфликтот и оти сите страни мора да го имплементираат договореното.

Столтенберг истакна дека синоќа на состанокот на НАК било разговарано и за односите со Русија.

– Предизвиците што ги поставува Русија со своите постапки кон евроатланскиот регион, уште долго ќе бидат присутни. Алијансата изрази жалење поради недостигот од воена транспарентност во последната деценија – рече Столтенберг, додавајќи дека минатонеделниот инцидент со рускиот авион е показател за тоа.

Генералниот секретар на НАТО, претходно на состанокот на шефовите на дипломатија на земјите-членки на Алијансата истакна дека политиката на отворени врати на НАТО има цел да шири стабилност, безбедност и демократски вредности, на кои се темели сојузот.

– Сите стануваме посилни и постабилни со тоа што ја држиме вратата отворена. Ова е почеток на една прекрасна алијанса – рече Столтенберг.