Подглавна секција СТО одлучи дека американските царини за кинеските производи воведени во 2018 година...

СТО одлучи дека американските царини за кинеските производи воведени во 2018 година се незаконски

Фото: Pexels од Pixabay

Комисијата за решавање спорови при Светската трговска организација (СТО) донесе одлука дека американските царини за кинеските производи во вредност од над 200 милијарди долари се незаконски. На овој начин, оценува Комисијата, американските мерки ги кршат клучните принципи на меѓународната трговија и условите под кои Вашингтон се приклучил кон Светската трговска организација.

Министерството за трговија на Кина пресудата ја смета за објективна и фер и од таму се надеваат дека САД целосно ќе ја почитуваат одлуката на СТО.

Министерството за трговија на САД пак, смета дека Светската трговска организација е „целосно неадекватна да ги запре штетните технолошки практики на Кина“.

САД може да поднесат жалба на одлуката, но Апелацискиот суд на СТО во моментот не функционира бидејќи им истече мандатот на двајца од тројца судии.

Во септември 2018 година САД воведоа 10 проценти данок на кинеска стока во вредност од речиси 200 милијарди долари, а осум месеци подоцна даноците се зголемија на 25 проценти.