Свет Балкан Стејт департментот бара од Косово да не се укинува специјалниот суд за...

Стејт департментот бара од Косово да не се укинува специјалниот суд за воени злосторства

Американскиот Стејт департмент изрази длабока загриженост поради обидите на косовскиот парламент да го укине законот за новоформираниот специјален суд за воени злосторства, кој треба да им суди на команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за злосторства извршени за време на конфликтот од 1998 до 2000 година.

Вчера и Амбасадата на САД во Приштина соопшти дека го оценува како прогрешен ставот на косовските власти за укинување на специјалниот суд.

– Ги повикуваме политичките водачи на Република Косово да останат посветени на работата на специјалниот суд и да не го менуваат раководството и овластувањата на судот. Секретарот Тилерсон кажа дека потрагата по правда на Балканот сè уште не е завршена и ние остануваме посветени на тоа жртвите да ја добијат правдата. Аплаудираме на моралната храброст на косовското раководство кое го донесе законот и уставниот амандман во 2015 година и овозможи овој суд да се формира. Силно ги повикуваме сегашното косовско раководство и членовите на парламентот да не го поништуваат ова достигнување со мешање во судот сега, или во иднина – изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.

Повикот на САД доаѓа откако пратеници од косовските партии предводени од поранешни команданти на ОВК, кои ја предводат владејачката коалиција, поднесоа барање за укинување на законот со кој беше формиран судот. Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој беше главен командант на ОВК за време на војната, најави дека тој ќе ја потпише одлуката за расформирање на специјалниот суд, доколку таа биде донесена во парламентот.

Покрај Тачи, поранешни команданти на ОВК се и актуелниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај и неговиот брат Даут Харадинај, поради што се шпекулира дека тие би можеле да се соочат со обвиненија за воени злосторства.