Свет Балкан Српски монах со руско педигре успеа да откаже концерт на полски бенд...

Српски монах со руско педигре успеа да откаже концерт на полски бенд во Белград

„Тие се Полјаци кои се поигруваат со православието, го ругаат. Но не со било кое православие, туку со руското православие“, порача монахот Арсеније преку Јутјуб, оквалификувајќи го настапот на полските музичари за богохулство

Настап на полскиот бенд Батушка; Извор на фотографија: Itokyl - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=63159845

Полскиот метал бенд „Батушка“ беше приморан да го откаже нивниот концерт што требаше да се одржи на 23 ноември во Белград, јавува српскиот весник Данас. Ваквиот неславен епилог доаѓа откако монахот Арсеније од Српската православна црква објави 45-минутно обраќање на својот Јутјуб канал со наслов „Сатаната во Белград“.

Тој повика на забрана на концертот на полскиот бенд во Белград, порачувајќи дека пораките што тие ги испраќаат воопшто не биле наивни.

„Тие се Полјаци кои се поигруваат со православието, го ругаат. Но не со било кое православие, туку со руското православие“, порача монахот Арсеније преку Јутјуб, оквалификувајќи го настапот на полските музичари за богохулство.

„Ги повикувам сите оние кои имаат христијанско храбро срце, на 23 ноември на локацијата „Дорчол Плац“ да се појават со икони, крстови и со песни, насмевки и љубов, на некој начин да се обидат, барем да им дадат до знаење, дека со ова не се согласуваме, а по можност и да го спречат тој концерт на мирен начин“, порача монахот Арсеније.

Повикот за “мирно спречување” на концертот на монахот доведе до бројни реакции на социјалните мрежи, вклучувајќи и од радикално десничарски кругови во Србија.

Поради ова, организаторот на концертот на полската група соопшти дека го откажува концертот, бидејќи не може да ја гарантира сигурноста на публиката, на членовите на бендот и на вработените во клубот.

Белградските медиуми јавуваат дека монахот Арсеније во минатото бил член на бендот ВИА Талас, односно бил дел од црниот бран на југословенската рокенрол сцена. На крајот од 80-тите години од минатиот век, заминал во Њујорк и работел како инструктор за медитација, а токму во САД го открил православието и одлучил да се замонаши во 1994 година.

Монахот Арсеније е познат на српската јавност по тоа што ги има приграбено новите медиуми. Покрај каналот на Јутјуб, своите пораки ги споделува и на социјалните мрежи. Тој се смета самиот себеси за православен психотерапевт, кој им помагал на поединци „да престанат да пијат лекови, да се дрогираат, да бидат хомосексуалци, да се борат со гласови во главата или со депресија“. Арсеније е автор и на книга „Бог и рокенролот“.