Свет Балкан Српски медиум промаши две работи за пробниот лет на грчките авиони над...

Српски медиум промаши две работи за пробниот лет на грчките авиони над Македонија

Српскиот онлајн-медиум „Аргументи“, повикувајќи се на онлајн-изданието на грчкиот весник „Катимерини“, пишувајќи за првиот тест-лет на грчки воен авион-ловец на македонското небо, ги измеша работите. „Аргументи“ овој лет го прогласи за почеток на предвидените воздушни патроли на грчкото воено воздухопловство над Македонија, како дел од заштитата на македонското небо во рамките на НАТО процедурите.

Почнувајќи од насловот на веста, која во превод гласи „Грчки ловци почнаа да го контролираат македонското небо“, српскиот медиум пишува дека еден авион-ловец Ф16 ја извршил првата патрола и греши во повеќе јасно утврдени факти.

Првин не станувало збор за патрола, туку, како што и „Мета“ пишуваше за тест-летови за да се испитаат комуникациите и радарското покривање, а второ, не бил еден, туку два авиона кои летале над Македонија.

Дополнително, „Аргументи“ иако пишува дека грчки авиони и понатаму ќе летаат над Македонија, сосема погрешно ја лоцира причината за тоа. Имено, овој онлајн медиуми пишува дека „патролите се суштинско продолжение на процесот на затоплување на односите меѓу двете земји по потпишувањето на Преспанскиот договор“, а всушност станува збор за една сосема нормална процедура за воздушна заштита на земја -членка на НАТО која нема свои борбени авиони од страна на военото воздухопловство на друга земја на НАТО.