Главна секција Специјално јавно обвинителство: Судот пропушти шанса да се запише во историјата

Специјално јавно обвинителство: Судот пропушти шанса да се запише во историјата

Специјалното јавно обвинителство денеска преку својата официјална страница на „Фејсбук“ изрази разочарување од одлуката на судот и најави дека ќе поднесе жалба.

„Кривичниот суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Следуваат жалби!“, стои во статусот објавен на страницата.

Основниот суд Скопје 1, каде синоќа се вршеше распит на дел од осумте осомничени за изборни нерегуларности, засега нема официјално соопштено која е одлуката на судиите на претходна постапка.

Специјалното обвинителство вчера ја соопшти својата прва акција, насловена „Титаник“, и побара притвор за осум лица осомничени за изборна измама. Меѓу осомничените се поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски.

Јанакиески и Темелко вчера беа на распит во Основниот суд Скопје 1, а рано изутринава, околу три часот, заминаа со цивилни возила, без да одговорат на новинарски прашања. Се шпекулира дека судиите го одбиле барањето за притвор на осомничените, но официјалната одлука, како што соопштија од судот, ќе биде соопштена во текот на денот.