Македонија Спасовски: Членките на ЕУ да дадат прецизни насоки за да се избегнат...

Спасовски: Членките на ЕУ да дадат прецизни насоки за да се избегнат тензии на границите

Република Македонија очекува од земјите-членки на Европската Унија да дадат јасни и прецизни насоки во врска со бројот на мигранти што се спремни да ги прифатат, што ќе доведе од намалување на тензиите на граничните премини. Ова го истакнал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната средба во Скопје со делегацијата на Комитетот за европски прашања на холандскиот парламент, предводена од претседателот на комитетот, Малик Азмани.

Спасовски на средбата ги информирал своите соговорници за актуелната политичко-безбедносна состојба во земјава, а посебен акцент бил ставен на ситуацијата со бегалската криза.

Членовите на делегацијата, од своја страна, ја изразиле подготвеноста на земјите-членки на ЕУ да ѝ помогнат на Македонија во справувањето со последиците од кризата.

„Република Македонија, иако не е полноправна членка на ЕУ и истовремено е соочена со крупни внатрешни политички и економски проблеми, настојува со сите свои капацитети да им помогне на земјите-членки на ЕУ. Но, целосното решавање на проблемите мора да се бара со заедничка координација и со почитување на одлуките што ги носат сите земји кои се партиципиенти во решавање на бегалската криза“, истакнал Спасовски на средбата.