Свет Балкан Солунското пристаниште апелира да престанат блокадите на Евзони

Солунското пристаниште апелира да престанат блокадите на Евзони

Грчките земјоделци продолжуваат со блокадата на граничниот премин Евзони, а повремено ја затвораат и железничката пруга од Грција кон Македонија кај преминот Идомени.

Ова е интензивирање на штрајкот на земјоделците, кои се закануваат дека ако нивните барања за средба со премиерот Алексис Ципрас не се остварат, може да го блокираат и граничниот премин Идомени.

Нов апел да се стави крај на блокадата на границата со Македонија упатија од солунското пристаниште. Пристаништето е преполно поради блокадата на границата и стравува дека ако наскоро не престане блокадата, ќе мора товарните бродови да се пренасочат кон другите пристаништа во регионот, слично како што се случуваше минатата година поради блокадите од бегалците, а потоа и од вработените во пристаништето.

Директорот на солунското пристаниште, Константинос Мелиос, во изјава за солунскиот портал „Вориа“, коментира дека до утре ако не се отвори границата на пристаништето, ќе се соберат повеќе од 120.000 тони сурови материјали како никел, јаглен, метал и сол, кои треба да се пренесат во Македонија.

„Бараме од земјоделците да го разберат проблемот што се создава и да одберат друг начин за интензивирање на протестите, а не блокада на националните автопатишта“, изјави Мелиос, додавајќи дека ако продолжи ваквата ситуација, ќе мора товарните бродови да одат кон конкурентните пристаништа на Балканот, што ќе создаде нов удар за имиџот на солунското пристаниште.

Засега нема информации за официјални политички реакции против блокадата на граничниот премин Евзони од Грција кон Македонија, кој е затворен за протек на возила една недела.