Главна секција Собранието на пауза по час и пол реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Собранието на пауза по час и пол реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

На продолжението на конститутувната седница на Собранието од 50 пријавени пратеници за збор, 47 се од ВМРО-ДПМНЕ, кои си реплицираат и контрареплицираат самите на себе за платформата на албанските партии и за заштита на суверенитетот и унитарноста на државата.

Во моментов пратениците заминаа на едночасовна пауза.

Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски, поради ваквата ситуација, процедурално се јави за збор и побара да не се одолговлекува седницата.

Претсeдателот на претходниот состав на Собранието, Трајко Вељаноски, кој заседава со седницата, рече дека деловникот забранува реплики и контрареплики помеѓу претставници на иста пратеничка група, но, бидејќи досега не се формирани пратенички групи, пратениците од иста партија можат да си реплицираат и контрареплицираат.

На почетокот на седницата прв за збор се јави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој рече дека претсeдателот на Собранието досега секогаш доаѓал од победничката партија и дека на овие избори тоа била ВМРО-ДПМНЕ.

– Секој што се смета за кандидат за претседател на Собранието треба да ги отфрли и осуди сите туѓи платформи. Не е добро и не е продуктивно доколку со оставање на мнозинското население во опозиција се направи бинационална држава – рече Милошоски, кој за реплика досега се јави десет пати.

Освен Милошоски за реплики и за контрареплики се јавија Илија Димовски, Зоран Илиоски, Крсто Мукоски и Ане Лешкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми рече дека колегите пратеници треба да бидат внимателни каква насока ќе и дадат на дебатата.

– Немојте да се фаќате за небитни теми, односно за т.н. странски платформи. Платформата на албанските партии е одлука на граѓанинот Албанец во Македонија – рече Адеми.