Ctrl - Z Со обука на наставниците започна пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование

Со обука на наставниците започна пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование

Фото: Фејсбук страна на ХЕРА

Од денеска започнува обуката на наставници од четири основни училишта во земјава за сеопфатно сексуално образование (ССО), откако претходно Владата ја усвои информацијата за пилотирање на програмата за ССО, која ќе се спроведува во четири училишта во Скопје и во Тетово, во урбана и рурална средина

„Обуката за наставници е првата фаза од воведувањето на сексуалното образование во формалното образование. При селекцијата, се користеа критериуми на правична застапеност на етничките заедници и градско-руралниот карактер на училиштата. Наставниците ќе имаат можност да се стекнат со неопходните знаења и вештини за сите теми поврзани со сеопфатното сексуално образование согласно последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години, односно род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото и врски и односи“ информираат од Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА и Бирото за развој на образованието.

Обуката за наставниците се состои од практичен и теориски дел и ќе биде реализирана до крајот на годината. Паралелно со спроведувањето на наставата во четирите основни училишта ќе се спроведе и евалуација на пилот-програмата, чии резулати ќе бидат основа за креирање на долгорочна образовна стратегија на Министерството за образование и наука за задолжително изучување на темите од секусуалното образование.

„Придобивките кои ги имаат државите кои го препознаваат сексуалното образование во формалниот образовен систем се превенција на рана, непланирана и непосакувана малолетничка бременост, млади кои се грижат за своето здравје, млади кои ќе научат кои се нивните права и како да ги заштитат, кои ќе научат да препознаат и да пријават врсничко, партнерско и секаков вид на насислство и кои ќе знаат како да развиваат социјални и сексуални односи кои ќе се базираат врз почит, согласност и достоинство“ велат од ХЕРА.

Пилот програмата е поддржана од Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР) и Фондот за население при ООН (УНФПА).

ХЕРА годинава објави истражување кое покажа дека над 90 отсто од наставниците се согласуваат дека во наставните програми треба да има теми од ССО. Исто така, тие објавија и истражување на јавното мислење меѓу родителите за воведување за овие наставни содржини. Пред овогодинешните парламентарни избори, ХЕРА побара од партиите да се заложат за воведување на сеопфатното сексуално образование како предмет во училиштата.

Мета.мк и претходно пишуваше за неопходноста на воведување на сеопфатно сексуално образование.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во последната деценија, во просек на годишно ниво родени се 23 деца од страна на мајки под 15 години. Во периодот 2009-2019 година родени се вкупно 254 деца од малолетни мајки, од кои најмногу (33) деца биле родени во 2009 година, додека пак, минатата година евидентирани се најмалку (16).