ХЕРА: Над 90 отсто од наставниците се согласуваат дека во наставните програми треба да има теми од ССО

Истражување „Ставови на наставниците за воведување на ССО во училиштата“ Фото: Принтскрин од истражувањето

Помеѓу 89-99 проценти од наставниците се согласуваат дека наставните програми треба да се надополнат со теми како што се заштитата од сексуално насилство, вклучувајќи насилство на социјалните мрежи, телесните промени во пубертетот, разликите меѓу половите и родовата рамноправност и карактеристиките на здравите врски. Ова го покажуваат податоците од истражувањето на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во однос на ставовите на наставниците за воведување на сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата.

„Анализата на одговорите укажува, пред сè, на исклучително висок степен на согласување дека секоја од наведените теми треба да биде застапена во наставата во основните училишта. Распонот на афирмативни одговори се движи меѓу 89 и 99 проценти. Во споредба со родителите, наставниците се во уште повисок процент согласни за тоа дека предложените содржини треба да бидат дел од официјалните наставни планови“ велат од ХЕРА.

Оттаму појаснуваат дека истражувањето е фокусирано на процените и ставовите во врска со важноста на содржините од сферата на сеопфатното сексуално образование, мотивите за негово вклучување или невклучување во образованието, како и на увидените пречки за воведување на овие содржини во наставата кои ги имаат наставниците од основното образование во земјава.

Во истражувањето најбројни се реакциите на наставниците кои ја афирмираат потребата за воведување теми од сферата на сексуалното и репродуктивното здравје. Меѓутоа има и одговори од наставниците кои изразуваат сомнеж, претпазливост, оградување или надополнување.

„Во рамките на оваа голема тема се издвојуваат неколку поттеми. Едната, која може да се нарече „ССО – да, но само надвор од редовната настава“, потоа „ССО е потребно, но не и дополнителен товар“. Дел од наставниците кои ја прифаќаат важноста на содржините, се скептични околу подготвеноста на нашето општество за воведување вакви содржини во училиштата. Некои од нив сметаат дека има потреба од ССО, но не во рацете на наставниците и не од мали нозе. Дел од наставниците посочуваат дека иако е потребно ССО, треба да се внимава да не се создаде отпор во средината“ се вели во анализата.

Истражувањето е спроведено во периодот декември 2019 – јануари 2020 година со 600 наставници – 500 кои држат настава на македонски и 100 кои наставата ја изведуваат на албански јазик. Од нив, 76,2 отсто се жени. Просечната возраст на наставниците учесници во ова истражување е 43,3 години, а нивниот просечен работен стаж е 15,6 години.

Целото истражување може да се погледне тука.

Мета.мк и претходно пишуваше за неопходноста на воведување на сеопфатно сексуално образование.