За да се спречи малолетничка бременост неопходна е едукација во семејството, но и во училиштето

Фото: Xavier Mouton Photographie на Unsplash

Во последната деценија, во просек на годишно ниво родени се 23 деца од страна на мајки под 15 години, ова го покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во периодот 2009-2019 година родени се вкупно 254 деца од малолетни мајки, од кои најмногу (33) деца биле родени во 2009 година, додека пак, минатата година евидентирани се најмалку (16).

Но, граѓанскиот сектор што се занима со темите за заштита на сексуалното и репродуктивното здравје смета дека овие бројки се нерелевантни, со оглед на тоа дека во државата одамна нема спроведено попис, односно нивната бројка во реалноста е многу поголема. Оваа статистика се должи, на како што велат тие, недостатокот на соодветно образование, дополнително што младите често веруваат во најразлични информации за заштита од несакана бременост кои што ќе ги прочитаат на интернет или слушнат од околината.

„Минатата година во младинскиот центар на ХЕРА во Шуто Оризари регистрирани беа 24 малолетни девојки кои останале бремени. Додека чекаме да го видиме сексуалното образование во нашите училишта секој поминат ден е ризик за младите“ изјави за Мета.мк, Мери Цветковска, координаторка на младинската група, која работи во областа на сеопфатното сексуално образование и волонтерските активности на ХЕРАМлади.

Како дел од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, која активно се занимава со неформална едукација за сексуално и репродуктивно здравје, Цветковска е децидна дека за проблемите на овие теми потребно е системско решение, односно државата да реагира онаму каде што не може да допре граѓанскиот сектор.

Мери Цветковска, ХЕРА / Фото: Лична Архива

„Младите постојано наоѓаат алтернативни решенија за да се информираат, а во сајбер просторот тоа многу често ги изложува на опасност и погрешно информирање. ХЕРА активно работи на неформална едукација и постојано се обидуваме да помогнеме и едуцираме што поголем број млади, но за жал не можеме да им помогнеме на сите до еден, како што тоа може да го направи државата преку своите механизими и образовни институции“ додава таа.

Наталија Крстевска, координатор за неформално образование при ХЕРА која работи на неформални едукации на млади во основно и средно училиште, вели дека формалното образование не дава доволно информации за начини на заштита при непланирана бременост кај малолетнички. Како што вели таа, нивната работа на терен е да се спротивстават на досегашните верувања и вредности, со факти и релевантни информации.

„Како едукатори кои долго време се на терен, забележуваме дека цело време произлегува еден феномен каде младите, и девојчињата и момчињата, во некои ситуации одбиваат да го прифатат фактот дека може да се случи бременост, доколку се користат некои несигурни методи на контрацепција, како што е методот на извлекување пред ејакулација (pull out). Факт е дека ова е најкористен метод на контрацепција, без разлика што е веројатно и најнесигурен“ појаснува Крстевска.

Од ХЕРА сметаат дека воведувањето на ССО во училиштата зборува за тоа дека државата е одговорна и грижлива кон својата младина и преку системски решенија ги образува и штити од лоши искуства. Предлог-моделот и пилот-програмата за воведување ССО во основните и средните училишта во земјата беа изработени од Бирото за развој на образованието, ХЕРА и група експерти. Предметот по сексуално образование треба да се пилотира во учебната 2021 година како изборен предмет, а ќе го спроведуваат наставници кои самоиницијативно ќе се пријават, а потоа ќе поминат и соодветна обука. Планирано е да има вкупен фонд од 36 часа годишно, појаснува Цветковска.

Предлогот е оваа пилот-програмата да се спроведе во 4 основни училишта од кои две ќе бидат од централно градско подрачје (две еднојазични училшта, македонски и албански), едно македонско еднојазично во рурална средина и уште едно училиште кое ќе биде двојазично во некој град кој не е Скопје.

„За жал, голем дел од младите ја немаат таа привилегија да имаат и да бидат во семејства кои можат да им ги одговорат сите прашања кои ги мачат, да имаат ист пристап до податоци како нивните врсници, да живеат во средина која не ги осудува и ги разбира. Само преку инстуционални решенија и еднаков пристап до информации за сите млади, можеме да им гарантираме еднаков и фер третман на сите млади без разлика кој е нивниот социјален статус, расна, етничка припадност итн.“ – посочува Цветковска.

Во однос на тоа како раната бременост може да влијае кај малолетничките, психологот за деца и адолесценти, Христина Стефановска, појаснува дека периодот од 14 до 16 години кај адолесцентите е најранлив, бидејќи тогаш тие се најбунтовни и се борат за сопственото чувство на идентитет, независност и самодоверба, а сето тоа во огромен притисок од врсниците и околината. Како што вели таа, во овој период не само што нивната личност се развива и дооформува, туку се уште постои процесот на созревање на мозокот. Но она што е клучно, како што вели Стефановска последиците врз личноста на младата девојка ќе бидат релативни или трајни ќе зависи од поддршката на родителите, семејството и околината.

Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти. Здружение „Хармоничен свет“ / Фото: Лична архива

„Кон последиците секако серионо треба да се пристапи. Во ваквата проблематика поважна ни е превенцијата, а тоа ќе подразбира рана сексуална едукација најпрво во рамките на семејството, а потоа и во училиштето. Исто така потребни ни се и семејства кои работат на себе, особено во јакнење на родителски вештини во рамки на воспитниот процес“ – изјави Стефановска за Мета.мк.

Таа додава дека во контекст на последиците од раната и непосакувана бременост врз личноста и нејзиното ментално здравје може да се говори доколку се знае динамиката на партнерскиот процес кој претходел на тоа.

„Во овој период тие може да бидат физички зрели, но не и емотивно зрели. Постојат рани партнерски врски кои се дисфункционални и емотивно нерели. Во таквата врска младата девојка може да биде и во улога на партнерска жртва и мета на психо-физичко насилство поради кое се срами и не соработува со родителите или пак се плаши дека ќе ја осудат или ќе и ја уништат било која шанса да го поправи односот со момчето“ појаснува Стефановска.