Хроника Со нож нападнат адвокат во неговата канцеларија во центарот на Тетово

Со нож нападнат адвокат во неговата канцеларија во центарот на Тетово

Со нож бил нападнат 51-годишниот адвокат Бујар Сабриу. Нападот се случил во неговата адвокатска канцеларија, сместена на првиот кат од градскиот трговски центар во Тетово. Осомничен за нападот е 72-годишниот В.А.

– Осомничениот напаѓач околу 12 часот влегол во канцеларијата каде работел адвокатот. Меѓу нив првин почнала вербална расправија. Во еден момент напаѓачот извадил нож и го прободел адвокатот во прстот од левата рака, a потоа го удрил со столче. Адвокатот некако успеал да се извлече од канцеларијата и се упатил кон тетовскиот Oсновен суд, каде се сокрил. Додека бегал кон тетовскиот суд, напаѓачот трчал по него со ножот. Напаѓачот е приведен – изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Адвокатот е во добра здравствена состојба, а по лекарската интервенција е пуштен на домашно лекување.

Полицијата и Основното јавно обвинителство Тетово извршиле увид и работат на целосно расветлување на случајот.

Неофицијално, според извори на „Мета“, инцидентот настанал како резултат на нерасчистени односи меѓу двајцата околу сопственоста на адвокатската канцеларија каде се случил нападот.