Видео Скопски водовод утре ќе објави покана за претквалификација за изградба на пречистителната...

Скопски водовод утре ќе објави покана за претквалификација за изградба на пречистителната станица кај Трубарево (видео)

ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ соопшти дека утре ќе ја објави Поканата за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води за град Скопје.

Се очекува изградбата на пречистителната станица кај Трубарево да чини 136 милиони евра. Со договорите помеѓу Владата и Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската Банка за реконструкција и развој (ЕБРР) ЕИБ обезбеди грант од 10 милиони евра, а ЕБРР грант од милион евра.

„Водовод и канализација – Скопје“ ќе го објави повикот еден ден откако ЕИК ја објави Поканата за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води Скопје за град Скопје на својата официјална платформа.

Мета во изминатиов период редовно ја следеше темата со отпадните води во земјава, со посебен акцент и на ситуацијата во Скопје. За проблемот со загадувањето на Вардар со одлевање на отпадните води, Мета.мк разговараше и со доктор Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавно здравје – Скопје.

 

Идната пречистителна станица за отпадни води во Скопје треба да биде изградена до крајот на 2026 година доколку се следи предвидената динамика на изведба од пет години. Овој објект треба да овозможи подобрување на квалитетот на речните води на Вардар во Скопскиот регион, кои во моментов се наоѓаат во најниските хемиски и бактериолошки класи за квалитет на водите. Една од главните причини за лошиот квалитет на овие води е директното испуштање на фекалиите од скопските домаќинства и компании како непречистени во Вардар.