Македонија Штипското обвинителство отвори предистрага за бегството на Игор Спасов од затвор

Штипското обвинителство отвори предистрага за бегството на Игор Спасов од затвор

Фото: Архива, Министерство за правда

Основното јавно обвинителство од Штип по допрен глас ќе испитува како се случи специјалецот Игор Спасов да избега и да биде недостапен на органите на прогон, вклучувајќи го ѝ затворот „Идризово“, каде што издржува 14 – годишна затворска казна за убиството на Мартин Нешковски во центарот на Скопје.

– Предметот е во фаза на предистрага, оформен по допрен глас и за натамошни информации е задолжена Службата за односи со јавност на Јавното обвинителство – кратко ни потврди Ристе Бојаџиев, претседателот на Основното јавно обвинителство од Штип.

Претходно, Судскиот совет покрена предмет за постапувањето на судии од Основниот суд од Штип, по бегството на Игор Спасов.

Како што дознаваме, Обвинителството ќе ја испитува улогата на судии, лекари, вештаци, односно на сите инволвирани во определувањето на 14 – месечниот прекин на издржување на затворската казна. Привременото излегување од затвор, Спасов го искористи, за, како што соопштуваат од Основниот суд во Штип, да избега од државата.

И покрај долгото отсуство на Спасов од затворот, ниедна институција не го покрена прашањето за оправданоста на долгиот прекин. Потписот на лекарската документација е на колега на баџанакот на Спасов, кој, според негово кажување, го подготвувал за операција на кила. Ќе треба некој да одговори како се случило овој познат затвореник да добие толку долг отпуст поради една ваква рутинска операција.

Инаку, судот во Штип и претходно одобрил прекин на затворската казна за Спасов, но тогаш тој се вратил во затворот „Идризово“.