Здравје Седум деца заболени од салмонела во училишта во Карпош, се испитува храната...

Седум деца заболени од салмонела во училишта во Карпош, се испитува храната и хигиената во кујните

„Во петокот во дневното мени имало за појадок - мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо, со кисело млеко“, информираат оштинарите

Image by Restaurant Nuovo Antica Roma, Wittenbergplatz 5 from Pixabay

Седум ученици кои учат во основните училишта „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“ и во „Јан Амос Коменски“ биле заболени од инфекција предизвикана од бактеријата салмонела (dg. sаlmonellozis), потврдија за Мета од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Веќе се земени брисови од вработените во кујните во училиштата, а резултати се очекуваат најдоцна до сабота.

Како што информира директорката Рената Младеновска, ДСЗИ бил информиран од Центарот за јавно здравје – Скопје, дека во одделението за епидемиологија пристигнале седум пријави за заболување од заразна болест со Dg. Salmonellozis кај ученици кои посетуваат настава во овие три основни училишта.

„Денеска ДСЗИ во соработка со претставници од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе извршат вонредни инспекциски надзори во објектите, за да се види санитарно-хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите и да се открие изворот на зараза и да се прекине синџирот на пренос на заразното заболување“, велат во ДСЗИ.

Мета се обрати и во Општина Карпош, од каде информираа дека во „Војдан Чернодрински”, од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), кај тројца ученици е изолирана салмонела.

„Во „Јан Амос Коменски”, пак, од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. А во „Владо Тасевски”, има потврдени пет случаи кај деца од 1 до 4 одделение, од вкупно 350 деца кои се хранат во училиште“, велат од Општина Карпош.

Од таму информираат дека во петокот на дневното мени за појадок имало мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо, со кисело млеко.

„Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисови од сите работни површини во сите основни училишта и сите вработени. Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош – „Ванила фуд“, сама побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во „Димо Хаџи Димов“, каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота“, додаваат од Општина Карпош.

Салмонелата е бактерија која предизвикува болест, салмонелоза. Се пренесува со консумирање недоволно зготвена храна направена од заразени животни (месо, пилешко, јајца), но може да ја има и во чоколади, бонбони и други кондиторски производи.