Македонија Се испитува можноста за зголемување на брзината и безбедноста на пругата Скопје...

Се испитува можноста за зголемување на брзината и безбедноста на пругата Скопје – Кичево

Србиновски мост, највисокиот железнички вијадукт во земјава

Министерството за транспорт и врски со средства од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) ја испитува потребата за подобрување на состојбата на железничката инфраструктура на потегот од Скопје до Кичево на паневропскиот Коридор 8. Во моментов се изработува пред-физибилити студија, како прв од документите што ќе следат во функција на зголемување на брзината и подобрување на безбедноста во согласност со стандардите на ЕУ.

Пред-физибилити студијата треба да биде готова во првата половина од 2020 година, по што треба да се пристапи кон изготвување на детална студија за изводливост на проектот со анализа на трошоци и придобивки и кон студија за влијание на проектот врз животната средина. Дополнителни средства ќе бидат потребни за идејниот и основниот проект, врз чија основа би се реализирале инвестициските зафати за реконструкција на пругата Скопје – Кичево.

Железничката делница од Ѓорче Петров до Гостивар за последен пат е реконструирана во периодот 1968 – 1969 година, кога е завршена и изградбата на пругата од Гостивар до Кичево.

– Се работи за едноколосечна пруга, неелектрифицирана и со застарени системи за сигнализација и телекомуникации и со ограничувања во однос на брзината – истакнуваат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски.

Податоците на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ покажуваат дека пругата Скопје – Кичево се користи многу помалку од нејзиниот максимален капацитет за дневен проток на возови. Меѓу двата града секојдневно сообраќа само по еден патнички воз, додека товарни возови по пругата минуваат уште поретко.

Во четвртиот квартал од 2019 година, пругата Скопје – Кичево учествувала со 7 отсто од вкупниот број на изминати километри на македонските пруги во патничкиот железнички сообраќај, додека кај товарниот превоз само 1 отсто од вкупно изминатите километри на возовите се реализирани на оваа пруга.

Пругата Скопје – Кичево е составен дел на железничкиот Коридор 8. Македонија ја презеде обврската да го изгради поврзувањето со пруга кон Албанија и Бугарија, но ќе мора и да ја рехабилитира постојната железничка инфраструктура од овој коридор во согласност со европските стандарди.