Економија Само „Визер“ и „Луфтханза“ побарале субвенции за нови авионски линии од Скопје...

Само „Визер“ и „Луфтханза“ побарале субвенции за нови авионски линии од Скопје и Охрид

За тоа кои нови линии од овие авиокомпании би добиле владини субвенции ќе се дознае по завршувањето на работата на оценувачката комисија

Фото: ТАВ Македонија

Авиокомпаниите „Визер“ и „Луфтханза“ се единствените што се јавиле на повикот на македонското Министерство за транспорт и врски за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, соопшти министерството.

Отворањето на барањата за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии од двата аеродроми, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид се случило денеска во просториите на министерството. Јавниот повик траеше од 1 до 31 март.

За тоа кои нови линии од овие авиокомпании би добиле владини субвенции ќе се дознае по завршувањето на работата на оценувачката комисија.

„Финансиската поддршка има за цел поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија, заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање на поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните на Северна Македонија“, соопштува Министерството за транспорт и врски.