Свет Европа САД предупредуваат за руски напади врз цивилна инфраструктура и владини објекти во...

САД предупредуваат за руски напади врз цивилна инфраструктура и владини објекти во Украина

Зградата на МНР на Украина во Киев; Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

Американскиот Стејт департмент и Амбасадата на САД во Кијив издадоа безбедносно предупредување дека Русија планира да изврши напади врз цивилна инфраструктура и владини објекти во Украина во наредните денови, пренесува Гардијан. Весникот додава дека станува збор за прво конкретно предупредување издадено од американската амбасада во Кијив во изминативе месеци.

Предупредувањето не прецизира кои локации во Украина би можеле да бидат погодени, но ги советува американските граѓани да ја напуштат земјата доколку е безбедно да го направат тоа. Ваквото соопштение доаѓа само еден ден пред прославувањето на 31-годишнината од Денот на независноста на Украина, како и одбележувањето на шест месеци од почетокот на руската агресија врз Украина.

Идентично како и американските власти, и Украина вчера ги предупреди граѓаните да бидат внимателни за време на одбележувањето на Денот на независноста. И покрај ова, полскиот претседател Анджеј Дуда денеска пристигна во Кијив на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Инаку, генералот на украинската војска Валериј Залужни изјави дека околу 9.000 припадници на воениот персонал загинале од почетокот на руската агресија врз Украина на 24 февруари. Високиот комесар за човекови права на ОН пак соопшти дека 5.587 цивили загинале, а 7.890 се повредени во периодот од 24 февруари до 21 август, пренесува Гардијан.

За разлика од украинските власти, Русија нередовно ги ажурира бројките за загинати руски војници во текот на војната. Укринформ јавува за податоците од украинските власти, кои посочуваат дека Русија досега изгубила 45.550 лица како воен персонал од почетокот на руската агресија врз Украина.