Подглавна секција САД лансира воздушни напади во Ирак и Сирија како одговор на нападот...

САД лансира воздушни напади во Ирак и Сирија како одговор на нападот на американска база во Јордан

Сè уште е нејасно колку загинати има во нападот, а САД најави дека ќе следат повеќе напади

Фото: Ethan Wagner, Public domain, via Wikimedia Commons

Соединетите Американски Држави лансираа воздушен напад на повеќе од 80 воени цели во Ирак и Сирија кои се поврзани со паравоени сили поддржани од Иран, пренесува Гардијан.

„Овие напади започнаа вечерва. Тие нема да завршат вечерва. Ќе преземеме и дополнителни активности, сите со цел да ставиме крај на овие напади и да се намалат капацитетите на иранската револуционерна гарда“, изјави Џон Кирби, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност.

Нападите се одговор на нападот изминатата недела врз американска воена база во Јордан, кој резултираше со смртта на тројца американски војници. Веднаш по нападот претседателот на САД Џо Бајден предупреди дека ќе има контранапад.

„Ако повредите Американец, ќе одговориме“, изјави Бајден.

САД ја добија поддршката од нивните сојузници, Обединетото кралство, кое ја осуди дестабилзирачката улога на Иран во регионот.

Целите вклучуваа командни, контролни и разузнавачки центри, ракети и проектили и логистички објекти, за кои се смета дека биле поврзани со Иран.

Сè уште нема целосна јасна слика колку биле прецизни нападите и колку загинати има.

Според сириска организација за човекови права, најмалку 18 при-ирански војници биле убиени. Двајца војници од Ирак рекле за „Агенс Франс-прес“ оти бомбардирање на складиште за оружја резултирале со неколку повреди.

Американски воени функционери за Си-ен-ен рекле оти не планираат да го бомбардираат Иран засега, избегнувајќи сериозна ескалација на сегашниот конфликт. Иран ги има предупредено САД да очекуваат брз и обемен контранапад доколку Иран биде директно нападнат.