Свет Европа Русите ракетираa населба близу Одеса, 18 цивили загинаа, над 30 се повредени

Русите ракетираa населба близу Одеса, 18 цивили загинаа, над 30 се повредени

Фото: ukrinform.net

Во нов грозоморен напад на руските сили врз цивилни објекти, рано взори со три ракети испукани од руски авиони-бомбардери беа погодени станбена зграда и два центра за рекреација во населба на 50-тина километри од Одеса, најголемиот украински крајбрежен град, при што животите ги загубија најмалку 18 граѓани, а над 30 се повредени, извести украинската државна агенција „Ukrinform“.

Во источна Украина, руските сили убиле уште четири цивили.

Пред разденување, два руски авиони-бомбардери Ту-22 од правец на Црното Море испалиле три ракети КХ-22 кон Билхород-Днистровски, населба на 50-тина километри југозападно од Одеса, при што се погодени цивилните цели.

Во досега познатите 18 загинати, има две деца. Спасувачите продолжуваат со работа, откако од кршот извлекле 8 повредени граѓани. Од 31 лице на кои им е пружена медицинска грижа, 4 се деца, а повредена е и една трудница.

За жал, тоа не се единствените цивилни жртви во Украина во изминатово деноноќие. Во регионот Донецк, руските агресорски сили убиле четири цивили, а 18 се повредени. Жртвите биле жители на четири населени места, известува „Ukrinform“.

Според досега познатите бројки што ги пренесува агенцијата, во регионот Донецк од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари годинава, руските сили убиле 545 цивили и повредиле 1.425.