Свет Европа Русија продолжува со гранатирањето на украински градови, загинаа најмалку четири лица

Русија продолжува со гранатирањето на украински градови, загинаа најмалку четири лица

Извор на фотографија: Укринформ

Руското гранатирање на украински градови продолжи и во текот на изминатово деноноќие, при што во нападите се регистрирани најмалку четири загинати лица. Во Донецкиот регион од ракетирањата загинаа три лица, а најмалку пет цивили се повредени, јавува Укринформ. Со ракети биле погодени градовите Бахмут, Маринка и Шевченко.

Гардијан јавува дека Русија со 55 проектили погодила три градови во регионот Суми на североистокот на Украина. Нема загинати и повредени лица во нападите, но оштетени се комерцијални зданија и домови. Во Харкивската област на истокот на Украина, во ракетирањата на градовите Харкив и Чухуив загина најмалку еден цивил во изминатово деноноќие, а пет лица биле хоспитализирани во болниците, пренесува Укринформ.

Од руското гранатирање не беа поштедени ниту пристанишниот град Миколаив на југот на Украина и населени места во регионот Днипропетровск во централниот дел на Украина. Во Миколаив изминатата ноќ во ракетирањето биле погодени станбени згради во две населби, но нема информации за загинати и повредени лица, јавува Укринформ.

Најмалку 50 куќи биле оштетени, а еден дом уништен, во синоќешното ракетирање на градот Никопол во регионот Днипропетровск. Овој град со денови е под силни ракетни напади од руската војска, а само во изминатово деноноќие биле истрелани 60 ракети кон населеното место, пренесува Укринформ.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси го повтори апелот за да им се овозможи пристап во нуклеарната електрана во регионот Запорожје, која во моментов е под руска окупација, но со украински персонал кој продолжува да го одржува објектот во функција, јавува Гардијан. Гроси додаде дека комуникацијата со најголемата нуклеарна електрана во Европа не функционира секојдневно, а нивен персонал нема пристап до самиот објект за да се осигура дека нејзиното работење не претставува извор за опасност.