Здравје Родителите да не се колебаат, да ги вакцинираат своите деца, порачуваат здравствените...

Родителите да не се колебаат, да ги вакцинираат своите деца, порачуваат здравствените власти

Целта на кампањата е да се изгради доверба во научните достигнувања и да се потенцира дека пропуштањето или одложувањето на вакцинацијата ги доведува децата во ризик да заболат од болести кои може да се спречат со вакцина

Фото: УНИЦЕФ

Кампањата за редовна имунизација, која денеска ја започна Министерството за здравство со поддршка на УНИЦЕФ, треба да се справи со колебливоста на родителите и старателите во процесот на донесување одлуки за вакцинирање на своите деца. Ова беше речено денеска при посетата на пунктот за имунизација во поликлиниката „Букурешт“ од заменик-министерката за здравство д-р Маја Манолева,  претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, како и Горан Кочински, национален офицер за имунизација од Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО).

Целта на кампањата е да се изгради доверба во научните достигнувања и да се потенцира дека пропуштањето или одложувањето на вакцинацијата ги доведува децата во ризик да заболат од болести што може да се спречат со вакцина.

„Ковид пандемијата имаше негативен ефект врз процесот на редовната имунизација на децата. Тој тренд се менува. Иако имаме подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, сѐ уште не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација – 95 отсто на национално и 90 отсто на локално ниво. Затоа продолжуваме интензивно да работиме на оваа тема“, рече заменик-министерката за здравство, Манолева.

Вакцините за деца кои се примаат до 12 месеци, со исклучок на пневмококната и рота вакцината, воведени во 2019 година, имаат достигнато опфат од околу 84 отсто.

Пораст на националниот опфат има и кај МРП вакцината. Лани за првата доза имаше покриеност од 70,4 отсто, а годинава има благо покачување на 70,7 отсто. Втората доза минатата година изнесуваше 80,4 отсто, а годинава има значителен раст и достигнува над 89 отсто покриеност на национално ниво.

Оваа година е забележано и значително покачување на опфатот со ХПВ кој во 2021 изнесувал 35,5 отсто, а оваа година е над 50 отсто.

„Редовните вакцини за деца се докажано безбедни и ефикасни и секоја година спасуваат 2 до 3 милиони деца од смртоносни болести на глобално ниво. Ги повикуваме сите родители – не одложувајте ја вакцинацијата. Апелираме до родителите и негувателите да им ја обезбедат на нивните деца заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото. Во 21-от век не смееме свесно да ги загрозуваме животите на децата и да ги изложуваме на ризик од болести што може да се спречат со вакцини и кои се докажани како безбедни и високоефикасни,“ рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Преку кампањата ќе се промовира и новата дигитална платформа е-здравство, која содржи посебен дел посветен на имунизација и ги интегрира сите информации за вакцините на едно место.