Македонија Рочиштето за екстрадицијата на Грујовски и на Бошковски одложено за 13 декември

Рочиштето за екстрадицијата на Грујовски и на Бошковски одложено за 13 декември

Судот во Солун за 13 декември го одложи рочиштето за одговор на барањето на Министерството за правда на Македонија за екстрадиција на поранешните функционери во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети во случаите „Таргет“, „Тврдина“ и „Тврдина 2“ на СЈО.

Рочиштето, кое беше закажано за денеска, е одложено бидејќи била отсутна адвоката од адвокатскиот тим на Грујовски и на Бошковски. Друга причина за одложувањето бил некомплетниот превод на документацијата за екстрадиција испратена од македонското Министерство за правда.

Грујовски и Бошковски остануваат во притвор во затвор во близина на Солун. Тие в петок повторно треба да се појават пред судот во Солун, на рочиштето за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври на аеродромот во Солун, кога се обидоа да заминат за Будимпешта.

Ова судење е одвоено од постапката за екстрадиција. Тоа досега беше двапати одложувано бидејќи солунскиот суд не можеше да обезбеди преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.