Свет Европа Рекорден раст на создадениот отпад од пакување во ЕУ

Рекорден раст на создадениот отпад од пакување во ЕУ

Во 2021 година, секој човек што живее во ЕУ создал во просек по 188,7 килограми отпад од пакување, што е зголемување за 10,8 килограми по лице во споредба со претходната година и за речиси 32 килограми во однос на 2011 година

Фото: Мета.мк

Отпадот од пакување, вклучително и оној создаден од испораките на храна и други купувања преку Интернет, достигна рекордно високо ниво во Европската унија, објави вчера Евростат, пишува германската новинска агенција ДПА.

Во 2021 година, секој човек што живее во ЕУ создал во просек по 188,7 килограми отпад од пакување, што е зголемување за 10,8 килограми по лице во споредба со претходната година и за речиси 32 килограми во однос на 2011 година.

Од 84 милиони тони отпад од пакување создаден во ЕУ во 2021 година, 40 отсто биле картон и хартија, 19 отсто пластика, 18,5 отсто стакло, 17 отсто дрво и 5 отсто метал.

Отпадот од пластична амбалажа се зголеми за 27 отсто во 10-те години од 2011 до 2021 година, додека стапките на рециклирање на пластичните пакувања пораснале за 38 отсто, соопшти Евростат.

Во 2021 година, Словенија (50 отсто), Белгија (49,2 отсто) и Холандија (48,9 отсто) имаа највисоки стапки на рециклирање на отпад од пластична амбалажа. Германија се најде на четвртото место со 48,4 отсто.

Малта (20,5 отсто), Франција (23,1 отсто) и Шведска (23,8 отсто), напротив, имаа најмал удел во рециклирањето на пластичен отпад создаден во тие земји.