Македонија Регистрирани 175 новозаболени од ковид-19, бројот на активни случаи е 1.687

Регистрирани 175 новозаболени од ковид-19, бројот на активни случаи е 1.687

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 971 тестирања, а регистрирани се 175 нови случаи на ковид-19. Во главниот град е евидентиран 131 новозаразен пациент, во Куманово 24, во Штип, Струга, Гостивар, Прилеп и во Свети Николе по двајца, во Тетово петмина, во Велес четворица и во Охрид еден новозаразен пациент.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрирал и 18 оздравени пациенти, а починати во последново деноноќие се пет лица, тројца од Скопје, еден пациент од Гостивар и еден од Прилеп.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби при прием во амбуланта почина пациент од Прилеп (72г). Во ГОБ „8 Септември“ починаа тројца пациенти од Скопје – пациентка (60г) примена на 5 јуни, пациент (64г) примен на 8 јуни и пациент (59г) примен на 8 јуни и еден пациент од Гостивар (72г) примен на 30 мај. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.538, бројката на оздравени пациенти е 1.682, на починати е 169, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.687“, информираат во министерството.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 11 нови пациенти, а вкупно таму се хоспитализирани 84 пациенти. На кислородна поддршка се 29 пациенти, а ниту еден пациент не е на механичка вентилација. До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 22 нови, а вкупно хоспитализирани во оваа здравствена установа се 57 пациенти. На респираторна машина се 10, a со потешка клиничка слика се уште 11 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 20 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат двајца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 36 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.