Свет Европа Путин: Трамп е паметен човек и бргу ќе се прилагоди на новата...

Путин: Трамп е паметен човек и бргу ќе се прилагоди на новата улога како претседател

Успесите во бизнисот на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, покажуваат дека тој е паметен човек кој бргу ќе се прилагоди на новата улога, изјавил рускиот претседател Владимир Путин, во интервју за телевизијата НТВ, пренесува „Раша тудеј“.

„И, бидејќи е паметен, тоа значи дека целосно и многу бргу ќе стане свесен за различното ниво на одговорност. Претпоставуваме дека тој ќе се однесува на овој начин“, додал Путин.

Рускиот претседател во врска со актуелната геополитичка ситуација вели дека таа се менува по „неуспехот на обидите за воспоставување на униполарен свет“.

„Верувам дека ова не е некаква тајна, секој може да забележи дека голем број од нашите партнери претпочитаат да се повикуваат на принципите на меѓународното право, бидејќи балансот на моќта во светот постепено почна повторно да се воспоставува… И ова е неизбежно. Обидите за создавање на униполарен свет не успеаја. Русија секогаш се држела до ставот дека додека ги штитиме нашите национални интереси, мораме да ги почитуваме интересите на другите земји. Тоа е начинот на кој воспоставуваме односи со другите земји“, вели рускиот претседател.

Претходно неделава, Путин изјави дека Москва е подготвена да соработува со новата администрација на САД, потенцирајќи дека „ја делат одговорноста за осигурување на меѓународната стабилност и безбедност“.